Програма за размена на идни лидери (FLEX Global Program)

Програмата FLEX Global им овозможува на средношколците од Северна Македонија да поминат една учебна година во Соединетите Американски Држави, да живеат со американско семејство домаќин и да посетуваат настава во американско средно училиште.

Учесниците се вклучуваат во активности во локалните заедници, стекнуваат лидерски вештини и учествуваат во дополнителни активности во рамки на иницијативата „Американска извонредност“ (American Excellence), насочени кон бизнис, технологија и претприемништво. Тие имаат можност да се запознаат со американскиот начин на живот и култура, да ја претстават својата земја и култура пред американските заедници и да изградат трајни пријателства и врски.

FLEX Global се надоврзува на наследството на програмите за размена на идни лидери (FLEX) и програмата за младинска размена и студирање „Кенеди-Лугар“ (YES). Целта на програмата е да создаде мрежа на млади лидери кои ја разбираат и поддржуваат американската култура и приоритети и ќе развиваат вештини со посебен акцент на претприемништвото, технологијата и суперинтелигенцијата (SI), како и лидерството.

Програмата е финансирана и администрирана од Бирото за образовни и културни работи (ECA) при Американскиот Стејт департмент, а ја спроведува организацијата Американски совети за меѓународно образование во партнерство со AFS, Amideast и iEARN. Изборот на учесниците се врши на конкурс и се заснова на заслуги и индивидуални постигнувања.

Апликацијата за програмата FLEX Global за учебната 2027/2028 година е отворена, а крајниот рок за аплицирање е 5 ноември 2026 година.

Што обезбедува програмата?

Програмата FLEX Global обезбедува:

  • Повратно патување од С. Македонија до Соединетите Американски Држави и назад;

  • Месечен џепарлак за секојдневни активности и лични потреби;

  • Сместување во избрано американско семејство-домаќин за период од една учебна година;

  • Упис во американско средно училиште;

  • Подготвителни активности пред заминувањето и по враќањето во матичната земја;

  • Програмски активности организирани во заедницата во САД;

  • Здравствено осигурување, со исклучок на претходно постоечки здравствени состојби и стоматолошки услуги.

Што не покрива програмата?

Програмата FLEX Global не ги покрива следните трошоци:

  • Трошоци за издавање на пасош;

  • Лични трошоци кои не се покриени со месечниот надомест;

  • Трошоци за дополнителен багаж;

  • Трошоци за интернет или телефонски претплати.

Како се одвива процесот на тестирање и селекција?

Процесот на селекција вклучува тест по англиски јазик, пишување состави под надзор, интервјуа со претставници на FLEX Global и пополнување односно поднесување на апликација.

Конечниот избор на учесниците се врши во Соединетите Американски Држави и се темели на заслугите на кандидатите и нивната подготвеност за едногодишно искуство на размена. Познавањето на англискиот јазик е еден од повеќето критериуми што се земаат во предвид при селекцијата. Финалистите мора да ги исполнуваат и здравствените критериуми утврдени за учество во програмата.

Финалистите ќе бидат известени за својот статус во текот на пролетта. Избраните ученици ќе учествуваат на подготвителна ориентација во својата земја пред заминувањето, која вообичаено се одржува во јуни или јули. Учесниците патуваат во Соединетите Американски Држави во август и остануваат таму една учебна година. Враќањето е предвидено за мај или јуни следната година, по завршувањето на нивното учество во програмата.

Учесниците се должни да се вратат во својата матична земја по завршувањето на програмата. Продолжување на важноста на визата или промена на нејзиниот статус по датумот на завршување на програмата не е можно, без исклучок.

Кои се придобивките од учество во програмата на размена?

FLEX Global e уникатна можност да се помине една учебна година во американско семејство и да се посетува американско средно училиште. Учеснинците добиваат директен увид и разбирање за секојдневниот живот во САД и локалната култура, ја претставуваат својата држава во тамошната заедница и градат трајни врски со своите локални семејства како и помеѓу двете држави .

Што треба да земам во предвид пред да аплицирам за FLEX Global?

Пред да аплицираат, учениците треба да размислат како размената во траење од една учебна година во странство може да влијае врз нивното образование и идните планови:

  • Дали по враќањето ќе треба да повторам една учебна година?

  • Дали ќе се вратам навреме за да ги полагам матурските или приемните испити за запишување на факултетет?

  • Доколку веќе сум примен/а на универзитет или друга високообразовна институција, дали ќе ми биде овозможено да го одложам почетокот на студиите?

  • Дали и понатаму ќе ги исполнувам условите за завршување на средното образование со посебни почести или за добивање на признанија и награди, како што е златен медал ?

Кој може да аплицира?

Кандидатите од Северна Македонија мора да ги исполнуваат следните услови:

  • Да се родени помеѓу 15 јули 2009 година и 15 јули 2012 година, вклучувајќи ги и двата датуми;

  • Во моментот на аплицирање да бидат запишани во 1ва или 2ра година во средно училиште;

  • Во моментот на аплицирање да бидат запишани и редовно да посетуваат средно училиште во  Северна Македонија;

  • Да имаат добар училишен успех;

  • Претходно да изучувале англиски јазик и да покажат познавање на англискиот јазик во моментот на аплицирање;

  • Да ги исполнуваат условите за добивање американска виза;

  • Кандидатите треба да бидат државјани на Република Северна Македонија и да имаат можност да добијат важечки меѓународен пасош издаден од надлежните органи на Северна Македонија.

Право на учество немаат ученици чии членови на потесното или поширокото семејство поднеле или поднесуваат барање за иселување во Соединетите Американски Држави, планираат да се иселат или веќе се иселиле таму.

Аплицирањето е бесплатно. Учениците можат да аплицираат само еднаш во текот на еден циклус на пријавување.

Учениците кои веќе го завршиле средното образование немаат право на учество во програмата. Учениците кои пред заминувањето во Соединетите Американски Држави ќе преминат во одделение или година на образование што не ги исполнува условите за учество, ќе бидат дисквалификувани.

Како можам да аплицирам?

Започни ја твојата апликација на ais.americancouncils.org/flexglobal.

Краен рок за аплицирање: 5 ноември 2026 година.

За повеќе информации за програмата, посети ја веб-страницата: discoverflexglobal.org.

 

Program Contact

flexglobal.mk@americancouncils.org

+389 2 30 76 522